Играше за Металург, Вардар и за Охрид, сега потпиша за ривалот на Алкалоид

Стефан Додиќ повторно е во фокусот на регионалната ракометна сцена откако српскиот репрезентативец реши да си замине од Целје и кариерата ќе ја продолжи во татковината, како член на Војводина.

Српскиот шампион ги договори сите детали за потписот на талентираниот бек, кој не беше дел од плановите на тренерот Тоскиќ во Целје, па без премногу проблеми доби зелено светло за заминување. Додиќ почетоците од кариерата ги мина во Металург, промовирајќи се како „чудо од дете“ во Металург, потоа во мак-ракометот ги бранеше и боите на Охрид и на Вардар, по што потпиша договор со Киелце.

Тој не доби шанса во полскиот ракометен гигант, беше испраќан на позајмици во Загреб и во Целје, а следна дестинација во кариерата му е клубот што доминира во српскиот ракомет. Војводина можевме да ја видиме на дело и во Скопје, со рутински триумф на гостувањето против македонскиот вицепрвак Алкалоид во рамките на ЕХФ Лигата на Европа.

Додиќ сепак ќе почека за дебито за клубот од Нови Сад, ако се знае дека талентираниот бек го мачи незгодна повреда на коленото поради која уште два месеци ќе биде надвор од терените.

Се вчитува...