Грешки во чекори на Еурофарм Пелистер – еден напред, назад два

Добро познатата флоскула „Полесно е да се искачиш на врвот, отколку да се задржиш на него“ многу пати се покажала како точна „дијагноза“ за бројни спортски клубови. Кај нас последен таков пример е Еурофарм Пелистер. Битолчани делуваа сериозно, неколку години градеа проект со кој сакаа да се искачат на врвот на македонскиот ракомет, но сега кога тоа се случи, на површина излегуваат бројни проблеми во начинот на функционирање и справување со резултатскиот неуспех.

Поразите во ЛШ се сосема очекувани ако се земат во предвид трансфер-активностите на клубот по завршувањето на ланската сезона. Второ лето по ред Пелистер остана без водечките играчи на бековските позиции, се правеа рокади, а најзвучното засилување на крајот беше – десно крило, и тоа на позиција кај што Е. Пелистер го има најперспективниот македонски репрезентативец – Ненад Костески. И кога се ќе се собере и одземе, со еден месец тренинзи и пеколно темпо натпревари, резултатите се сосема во складот на условите бидејќи само оние кои вистински се во спортот знаат колку труд, но и време треба да се вложи за да се изгради нешто на здрава основа. А Еурофарм Пелистер го урива играчкиот кадар од корен, второ лето по ред…

Тренерскиот тандем e приказна сама за себе… тајмаутите шоу за сеирџиите кои и по два месеци од сезоната не можат да дознаат кој е „шеф“, а кој „советник“. Колку што е конфузно за јавноста, сигурно исто така е и за самите ракометари, па неслучајно многу ретко се случува „пелистерци“ добро да изреагираат по тајмаут и да влезат во серија голови. Двајца тренери на клупата, плус директор кој до лани беше тренер во Првата лига… премногу „струка“ за преслаби резултати.

Се паѓа и на организациски план, па така за премиерниот домашен меч во ЛШ немаше основни услови за новинарска работа на трибините (столче за акдредитиран новинар и приклучок за струја), па мораше да се импровизира на лице место. По резултатското фијаско во Данска не можеше да се пронајде изјава од тренерот или ракометар на Еурофарм Пелистер, но затоа веднаш се појавија изјави по големата победа над суперлигашкиот дебитант Мулти Есенс. Голем треба да си и кога победуваш, и кога губиш…, не по избор како ти одговара.

Лесно е да се биде господин кога се победува, тоа високо ниво треба да се задржи и кога работите не одат како што треба. А кога ќе се наредат порази, вината треба да се побара во своите редови, а не некој да брои точки и запирки, „малиот газда“ да почне да посочува рекетари, а во публиката да се појавуваат транспаренти за новинари кои се подолго во ракометот од цело раководство на Еурофарм Пелистер. Така, голем клуб не само што не се станува, туку во денови и месеци се губи во магла реномето што беше создавано со години наназад.

Управата на Еурофарм влезе во серија грешки во чекори, на секој направен чекор напред оди назад два…, а со таков рецепт не само што ќе продолжи да се срамоти во Европа, туку и ќе го загуби тлото под нозете на домашната сцена. Што побрзо си ја увидат грешката и го прифатат својот дел од одговорноста (кој воопшто не е мал), имаат шанси да тргнат повторно напред. Во спротивно, Еурофарм Пелистер ќе продолжи да тоне во „жив песок“.

Дури и „Чкембари“, кои се вечно лојални на Пелистер, гласно го искажаа незадоволството свесни дека работите воопшто не се движат во посакуваниот правец, барајќи промени. А решение за тоа сигурно не е тренерската смена која се најавува најдоцна до крајот на оваа седмица, бидејќи проблемите се многу подлабоки од резултатите и изгледот на табелите.

Се вчитува...