Ракометни резултати за Гинис (4): На мечот Партизан – Пелистер ракометарките „заборавија“ да даваат голови

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Во потрага по најинтересните резултати на ракометните терени во изминатите 70 години откако почна да се игра мал ракомет на првиот турнир одржан на 29  ноември 1952 година во Македонија, пронајдовме неверојатни резултати во машка и женска конкуренција. Резултати кои заслужуваат  да бидат во книгата на Гинисовите рекорди. Кај мажите останува македонскиот рекорд по  бројот на постигнати голови  на една екипа на средбата Вардар-Металург 69:11 или вкупно 80  на еден натпревар. Исто толку 80 голови е постигнато и на средбата Младост-Кочани 65:15. Засега останува и несоборениот македонски гинисов рекорд од средбата Младост-Борец 54:6/29:0/ кога за едно полувреме не е постигнат ниту еден гол. Што е уште поинтересно, одигран  е пред неполн месец.

Мрежите како да беа маѓепсани

И ракометарките во Македонија не заостануваат по неверојатни постигнати резултати од своите машки колеги. Дали некој од читателите на „Екипа“ може да поверува дека на еден  напревар за првенство на Македонија не е постигнат ниту еден гол. Тоа се случи на средбата  Партизан /Ѓорче Петров/ –Пелистер 0:0 и тоа во Првата лига.  Одиграна е  на 12 мај 1962 година на отвореното игралиште во ОУ„ Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров. Судеше  само  еден судија, еден од нашите најдобри  во тоа време Рикард Гашпар.

Еве ги и составите на двете екипи, бидејќи овој меч влезе во историја на ракометот во Македонија.

Партизан /Ѓ.П/ : Маре Ристевска, Билјана Митковска, Фетка Мешкова, Олга Манева, Наде Стојковска, Зорица Цветковска, Деса Јовановска, Цена Ристевска, Василка Јотова.

Пелистер:  Тања Јосифовска, Шулевска,Талевска, Паскова, Темелковска, Љиљана Џидрова, Марија Џидрова, Момировска, Георгиевска.

За текот на натпреварот и причините зошто  не е постигнат ниту еден гол, ја пренесуваме изјавата на  Зорица Цветковска, подоцна Бајрактарова дадена  во  весникот „Нова Македоникја“.

-Иако на денот кога се играше натпреварот беше сончево, теренот беше лизгав бидејќи пред тоа цела недела  врнеше дожд . Топката /тогаш беше по димензии поголема од денешната/, беше цела облепена од црвеницата, тешко можеше да се држи во рацете и да се шутира. Освен тоа и двете голманки одлично бранеа.

Од воз или автобус на натпревар

Во Партизан /Ѓорче Петров/ сите ракометарки беа осмооделенки во училиштата „ Мирче Ацев“ и „ Моша Пијаде“.  Во сезоната кога играа со Пелистер им беше прво учество на едно првенство на Македонија. Тренер им беше Томе Атанасовски, популарниот Компир, кој беше и спонзор  на екипата  бидејќи се грижеше и за патувањата  на екипата. Му помагаше и познатиот боксер од Македонија Живорад Шишковиќ, кој беше наставник по физичка култура во ОУ „Моша Пијаде.“  Беше тоа време кога немаше ручеци или вечери по ресторани , патуваа на натпреварите со воз во раните утрински часови, се враќаа  веднаш, по завршувањето.  Од дома носеа сендвичи, сокови, сами ги переа дресовите. Беа вљубени во ракометната игра, ништо не им беше тешко. Можеби читателите ќе се насмеат кога ќе прочитаат дека ракометарките и ракометарите на Партизан на мечевите во еден ден играа во исти дресови бидејќи имаа само едни. Во Македонската лига најпрвин играше женската како предигра, а потоа машката екипа. Дресовите се менуваа кога ќе завршеше натпреварот на жените , ќе се преселеа кај мажите за да ги облечат и тие да играат во нив .И тоа воопшто не им пречеше . Во тие години „Адидас“ и „Пума“ патики  беа мислена именка за нив, играа  во кинески „шангајки“.

Мораме да нагласиме дека овој резултат е постигнат за 50 минути игра, бидејќи во  тие први години жените играа 2 Х 25 минути, не како денес 2 Х 30, но сепак тоа не го намалува овој несекојдневен рекорд.

Кога ќе се разиграат Радуловиќ и Георгиевска

Ако на овој меч во училиштето „Мирче Ацев“ лизгавиот терен и лепливата топка од црвеница им пречеше на ракометарките да постигнуваат голови, сепак тоа не беше причина ракометарките на Тутунски комбинат од Прилеп да не постигнат ниту еден гол салата Кале 1994 година против, подоцна европскиот првак Кометал Ѓорче Петров, кој потекнува токму од Партизан.  Тренер беше познатиот Александар Радич. На оваа стредба за првенство на Македонија е постигнат исто така за неверување неверојатен резултат, победи Кометал Ѓорче Петров со 50:0 /26:0/. Таа година „кометалките“ веќе имаа во составот ракометарки од странство. Еве го тој состав:

Нацева,  Бережњак 4, Е. Георгиевска 9, Чупиќ 1, Спасовска, Наумовска 1, Абрамова 3, Језиерска 6 Ширина 4, Радуловиќ 10, Филиповска  6.

Тутунски Комбинат: Димеска,  Бошкоска, Воиноска, Милошеска, Филипоска, Базеркоска, Карбеска.

Поради некои караници и недоразбирањата во клубот, „тутунарките“ не допатуваа во Скопје со својот најдобар состав, но сепак, натпреварот е регистиран  и внесен во табелата така што останува еден од македонските гинисови рекорди, кога за едно полувреме не е постигнат ниту еден гол.

Во ракометното првенство на Македонија за жени имаше уште неколку интересни резултати: Вардар-Пелистер 1:1, Партизан/Ѓ.П/ -Работнички 1:1 ,Пелистер-Партизан /Куманоо/ 3:2 .

/Продолжува/

Се вчитува...