Тренерот на Наполи, Валтер Мацари, кова тактика за утрешниот дуел од Лигата на Шампионите против Реал Мадрид, меч на кој речиси сигурно од првата минута кај „наполитанците“ ќе се појави Елиф Елмас.
Македонскиот ас имаше кошмарни неколку месеци додека тренер беше Гарсија, но работите тргнуваат на подобро по смената на кормилото и доаѓањето на Мацари на чело на првата екипа на италијанскиот шампион. Елмас влезе како резерва на последниот меч со Аталанта, но токму голот за победа што го постигна „дијамантот“ придонесе тој да ги придобие симпатиите на новиот тренер.
Севкупно гледано, Елмас делуваше далеку подобро по десната страна од нападот во однос на Политано, на чие место влезе во игра, па се најавува дека Елиф сигурно ќе биде стартер како дел од напаѓачкото трио на „наполитанците“, заедно со незаменливите Осимен и Кварацкелија.
Според најавите на италијанските медиуми, Наполи утрешниот меч со Реал Мадрид ќе го стартува со овие единаесетмина: Мерет, Ди Лоренцо, Натан, Рахмани, Жезус, Лоботка, Ангиса, Зиелински, Елмас, Кварацкелија, Осимен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

