Сериозен испит на Седлоски и Работнички во Тетово, Гостивар во Струмица го чека лидерот

По освоениот бод на домашен терен против Гостивар, што беше и деби на Гоце Седлоски на клупата на Работнички, „романтичарите“ сега имаат сериозен испит. Гостуваат во Тетово, на еден од претендентите за шампионската титула оваа сезона, тимот на Шкендија.

Работнички со Гоце Седлоски има амбиции да се бори за излез во Европа, а за такво нешто ќе треба да се најде рецепт за победа против Шкендија денеска, со оглед дека тетовскиот тим има предност моментално од девет бода на табелата. Шкендија, пак, ќе атакува на триумф да го задржи чекорот со Шкупи во битката за највисок пласман.

„Првенството влезе во забрзан ритам во пресрет на крајот на оваа полусезона. Следно искушение е Шкендија, квалитетен тим кој посебно добро игра на домашен терен во Тетово, но ние покажавме дека можеме да се надигруваме со нив на претходните дуели оваа сезона. Со максимално залагање и сериозен пристап, верувам дека можеме да ја исполниме целта и да освоиме бодови во Тетово“, вели играчот од средниот ред на „романтичарите“, Димитар Тодоровски.

Гостивар по серијата на добри резултати се „пресели“ од својот стадион и натпреварот против Шкупи ќе го игра во Струмица. Поради лошите услови во Гостивар, тимот се реши на ваков чекор. Двата тима се во одлична низа на резултати, особено Гостивар кој седум натпревари во Првата лига не знае за пораз. Шкупи, пак, на последните 15 средби има само еден пораз од Силекс во Кратово. Чија форма ќе продолжи, останува да се види по мечот кој ќе се игра на „Благој Истатов“ во Струмица.

„Против Македонија ЃП имавме тежок меч, среќен сум за постигнатиот гол и уште посреќен за трите бода. До крајот не очекуваат три многу важни натпревари. Првиот е против Гостивар. Ја респектираме екипата на нашиот противник, но одиме да освоиме три бода и да останеме на врвот на табелата“, вели стоперот Марио Младеновски. 

Во Струмица на спортскиот центар Пандев, се игра денеска уште еден натпревар. АП Брера игра против Брегалница. За тренерот на домашните Џовани Валенти, се чини, ова е последна шанса да ја спаси својата позиција како тренер на струмичкиот тим, со оглед дека по низата лоши резултати му се заканува смена.

Во Ѓорче Петров, Македонија ЃП игра  важен дуел против Силекс, додека на теренот на ФФМ Вардар ќе се бори за бод(ови) против шампионот Струга ТЛ. За „црвено-црните“ секој меч до крајот на сезоната е битка за опстанокот, иако на најтрофејниот македонски клуб лошо му се пишува во годинашниот шампионат, и е „закован“ на дното, и само серија на добри резултати може да го однесат во „помирни води“. Во Охрид Воска е домаќин на екипата на Тиквеш.

ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО

ДЕНЕСКА, 13:00 ЧАСОТ

СТРУМИЦА, СЦ ПАНДЕВ: АП БРЕРА – БРЕГАЛНИЦА

СТРУМИЦА, „БЛАГОЈ ИСТАТОВ“: ГОСТИВАР – ШКУПИ

ТЕТОВО: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ

СКОПЈЕ, ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС

СКОПЈЕ, ФФМ: ВАРДАР – СТРУГА ТЛ

ОХРИД: ВОСКА СПОРТ – ТИКВЕШ

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...