Фудбалската федерација на Македонија и нејзината судиска организација можат да се гордеат со четирите најдобри судијки во нашата држава кои годинава блескаат на европската сцена. Станува збор за главните судии Ива Пројковска и Ирена Велевачкоска-Ристевски како и за асистент судии Вјолца Изеири и Елена Соклевска-Илиевски. Да напоменеме дека Пројковска се наоѓа и во елитната група на 20 најдобри женски судии во Европа. Туку што се вратија од Гетеборг во Шведска каде го судеа мечот меѓу шведскиот првак Хакен и Реал Мадрид во Лигата на европските шампиони за жени, на кој Пројковска беше главен судија, а веќе заминаа за Ерменија, немајќи време ниту да ги распакуваат куферите.
На 2 декември, во рамките на Лигата на нации за жени 4 група, во Ереван ќе го судат натпреварот меѓу Ерменија и Израел. Главен судија ќе биде Ирена Велевачкоска-Ристевски, ќе и помагаат Вјолца Изеири и Елена Соклевска Илиевски, четврти судија ќе биде Ива Пројковска. Во оваа група се уште и репрезентациите на Казахстан и Естонија.
Од Ерменија не се враќаат во Македонија туку продолжуваат за Португалија, каде добија нова задача од судиската комисија на УЕФА. Повторно во рамките на Лигата на европските нации, 2 група, на 5 декември ќе бидат судиска четворка на средбата меѓу Португалија и Франција. На овој меч главен судија ќе биде Ива Пројковска, со веќе воиграни помошници Вјолца Изеири и Елена Соклевска Илиевски, четврти судија е Ирена Велевачкоска Ристевски. Во оваа група се уште и репрезентациите на Норвешка и Австрија. Мечот се игра во градот Леина.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА