Поранешниот македонски репрезентативец, Аце Стојков одлучи да се повлече од функцијата спортски директор на АП Брера Струмица по само десет месеци откако беше именуван на истата.
Стојков, како што вели во својата објава, се повлекува поради долгата резултатска криза во која е западнат струмичкиот прволигаш и покрај огромните ветувања за европски проект на почетокот од сезоната. Стојков одлучи да се повлече по последното реми на тимот на домашен терен против штипска Брегалница.
„Сакам да ја информирам македонската спортска јавност дека од денеска не сум повеќе спортски директор на АП Брера Струмица. Во време на долгорочна резултатска криза доблест е да се понесе одговорност, дури и кога имаш најмалку вина. Но, одлуките се носат да се испочитуваат. Им благодарам на фудбалерите за беспрекорната соработка, на клубот и управата за укажаната шанса, и им посакувам успех во следниот период. Време е да се посветам на семејството и новите предизвици“ – се вели во објавата на Аце Стојков на социјалните мрежи.
Засега нема официјална реакција од АП Брера, ниту од раководството на клубот ниту од претседателот Горан Пандев, на одлуката на Стојков да се повлече од функцијата во струмичкиот прволигаш. Изненадувачки е што токму Стојков се одлучува да ја презема целата одговорност за лошите резултати на тимот, далеку под најавите на стартот од сезоната, а пред тренерот Џовани Валенти и неговиот стручен штаб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА