Швајцарија остана без важен играч пред ЕП 2024

Швајцарија се соочува со сериозен проблем во пресрет на ЕП 2024 откако ривалот на македонската репрезентација поради повреда остана без важен првотимец.

Станува збор за 27-годишниот Самуел Ретлисбергер, ракометарот на Штутгарт кој настапува на позицијата пивот, а истовремено е и исклучително важен играч во одбранбената зона на својата репрезентација. Како што објави Швајцарската Ракометна Федерација, Ретлисбергер има оштетување на лигаментите во дланката, мора да замине на операција, по што го очекува пауза од шест седмици од ракометните терени.

„Повредата доаѓа во наглупав можен момент, сонував да играм за репрезентацијата на ЕП во Германија, земјата каде што веќе седум години играм ракомет. Тој сон исчезнува, нормално дека сум разочаран“, изјави ракометарот кој досега имаше 78 настапи во репрезентативниот дрес.

Неговото неиграње е вториот посериозен проблем за селекторот Михаел Сутер, кој нема да може да смета ниту на стандардниот десен бек Димитриј Кутел, по тешката повреда на коленото заработена на почетокот од овој месец.

Швајцарија ќе биде трет ривал на Македонија во рамките од А групата од ЕП 2024, а мечот меѓу овие две селекции ќе се одигра на 16 јануари во Берлин.

Се вчитува...