Ракометниот клуб Вардар попладнево преку соопштение јавно се заблагодарни на Советот на Град Скопје и на градоначалничката Данела Арсовска за помошта што е подготвена за „црвено-црните“ да останат при врвот на македонскиот ракомет.
Директорот Борко Ристовски на неодамнешниот собир со новинарите говореше дека до крајот на годинава очекува значителна финансиска инјекција со која ќе бидат надминати финансиските проблеми на клубот, па соопштението објавено денеска е јасен знак дека градот Скопје конечно застанал за РК Вардар.
„Македонскиот ракометен бренд Вардар 1961 упатува огромна благодарност до Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска бидејќи ги препознаа и ги поддржаа напорите на клубот да остане голем амбасадор на Скопје. Благодарни сме што за првпат во историјата на клубот, градот застана зад нас и потврди дека спортот е еден од вистинските репрезенти на Скопје, а Вардар 1961 препознатлив спортски белег. Секоја помош и поддршка е добредојдена, и значи исполнување на целите кои секогаш се поврзани со остварување на највиските резултати, привлекување на нови млади ракометари, и создавање на здрави навики на младите преку промовирање на спортот на начин на живот. Заедно се радувавме на многу успеси, и ветуваме дека и во иднина ќе бидеме спортската гордост на Скопје“, се вели во соопштението на РК Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА