Хрватските ракометари со интересно барање до медиумите: Не не нарекувајте повеќе „каубојци“!

Пред Европското првенство 2024 кое стартува во Германија овој месец, Хрватскиот ракометен сојуз (ХРС) испрати необично барање до медиумите, во кое побара повеќе да не се користи прекарот „Каубојци“ за нивниот национален тим.

„Во име на репрезентативците, Стручниот штаб и ХРС, ве замолуваме да не го користите тој прекар за име на репрезентацијата, со оглед на тоа што сегашните играчи не беа дел од генерацијата кога се создаде споменатиот прекар“ – се наведува во соопштението од ХРС.

Првиот прекар на хрватските ракометари беше „Пеколни“, како копија на фудбалските „Ватрени“, но тоа прекар кратко се задржа а онаа генерација предводена од Лино Червар и Ивано Балиќ сами си го дадоа прекарот „Каубојци“.

„Во еден момент Балиќ, Метличиќ, Доминиковиќ и другите се договорија јавно да кажат дека сакаат нов прекар. ‘Може да не нарекуваат како што сакаат, но не и „Пеколни“. Воопшто не ни се допаѓа тоа’ – побараа тогаш тие“ – пренесуваат хрватските медиуми, и така почна да се користи прекарот „Каубојци“.

Ракометарите кога ќе се појавеа во јавност и долго време ги носеа каубојските шешири… Но, ете се до 2024 година, кога актуелната генерација официјално побара повеќе да не се нарекуваат така.

Се вчитува...