Кузмановски: Ја преземам улогата на лидер, како репрезентација растеме на секое ново првенство

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Филип Кузмановски ќе ја има лидерската улога во националниот тим на ова големо натпреварување, особено откако битолчанецот реши да се врати во мак-ракометот, потпиша за Е. Пелистер и беше стандарден во составот на македонскиот првак, откако претходните месеци ги мина греејќи ја клупата на Вецлар.

Вратената самодоверба кај одличниот бек е и повеќе од очигледна, па се очекува тоа сега да се пренесе и на неговите игри во репрезентативниот дрес.

„Секако дека се чувствувам се подобро и подобро на терен. Можам да кажам дека Пелистер беше мојот вистински избор. Притисокот и одговорноста се огромни, но јас ја преземам улогата на лидер во репрезентацијата“, изјави Кузмановски.

Првиот меч нашите ракометари го имаат против големиот фаворит Франција, дуел што со почеток во 18 часот ќе биде одигран на „Меркур Шпил Арена“, фудбалскиот стадион што беше адаптиран за ракометен натпревар специјално за оваа пригода.

„Никогаш досега не сум играл пред толку публика, ниту пак на фудбалски стадион. Сигурно ќе биде посебно искуство, ќе уживаме играјќи пред толку многу луше, се надевам дека како и на секое големо натпреварувања, така и сега во Германија ќе имаме голема поддршка од нашите Македонци. За првиот противник не треба да се трошат многу зборови, за мене Французите заедно со Данска се главни фаворити за златото на овој шампионат“, вели Филип Кузмановски.

Тој уште еднаш потенцира дека има апсолутна доверба во системот на работа на селекторот Лазаров и успешноста на овој долгорочен проект.

„Сите заедно растеме, секое првенство за нас е од големо значење, бидејќи го добиваме неопходното искуство. Имавме доволно време да се подготвиме, почнувајќи од Стара Пазова, па се до Скопје, со пријателските натпревари што ги одигравме во овој натпревар.Ќе повторам – максимално сме посветени на нашата игра и имаме огромна доверба во системот што го градиме заеднички“, порачува Кузмановски.

Се вчитува...