ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Швајцарија претрпе убедлив пораз на дуелот со Германија, но уште поголем проблем од конечниот резултат за швајцарскиот селектор беше повредата на првиот голман на репрезентацијата, Никола Портнер.
Чуварот на мрежата на Магдебург беше најдобар поединец на својата селекција со 11 одбрани и 32% успешност, но пред самиот крај незгодно згазна на ногата на еден противнички ракометар, по што остана да лежи жалејќи се на болка во пределот на скочниот зглоб.
„Не беше добро, во прв момент воопшто не се чувствував добро. Ќе видиме што ќе покажат прегледите“, изјави Портнер веднаш по завршувањето на дуелот со Германија.
По пристигнувањето во Берлин, Швајцарците ги објавија и деталите од магнетната резонанца на повредениот зглоб на голманот.
„Станува збор за истегнување на лигаментите во зглобот, ништо премногу сериозно. Секој ден ќе ја следиме неговата состојба, но Никола би требало да продолжи да брани на овој шампионат“, изјави репрезентативниот доктор Лукас Вајскопф.
Добра вест за Швајцарците е што денеска и утре е слободен ден за селекциите од нашата група, па оваа селекција в недела ќе ги одмери силите со Франција, а потоа во вторник во последното коло ќе се сретне и со Македонија.
Голманската позиција би била сериозен проблем ако Портнер не е „фит“, ако се знае дека втор голман е Леонард Грациоли, кој настапува на германскиот второлигаш Хитенберг,а трет и Аурел Бринголф од Берн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

