Шпанските ракометни клубови со исклучок на Барселона со години се мачат да врзат крај со крај, но најтешката е состојбата во Адемар Леон, тим на кој му се заканува да не биде во можност да ја доврши сезонава бидејќи ќе мора да прогласи банкрот.
Претседателот на Адемар, Кајетано Франко, на прес-конференција говореше за катастрофалната економска ситуација во која се наоѓа клубот.
„Ракометарите не земале плата од почетокот на сезоната 2023/24. Долгот изнесува околу 300.000 евра. Ни се заканува „клуч на врата“, бидејќи не можеме да гарантираме дека ќе ја завршиме оваа сезона, ниту пак дека ќе имаме буџет за наредната“, истакна Кајетано Франко.
Општинскиот совет му должи 180.000 евра што се изгласани како помош за клубот, но останува да се види дали и со овие пари Адемар ќе успее да ја доврши сезоната.
Овој случај придонесе шпанската јавност да се потсети на Сиудад Реал, уште еден клуб кој поради финансиски проблеми исчезна од ракометната мапа, како обид за спас беше преименуван во Атлетико Мадрид, но и овој ракометен проект во Шпанија (чиј дел беше и нашиот Кире Лазаров) прогласи банкрот на 9 јули 2013 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА