Германците не ја кријат гордоста што го урнаат светскиот рекорд по посета на еден ракометен меч, откако средбите Македонија – Франција и Германија – Швајцарија на првиот ден од ЕП ги следеа по 53.586 гледачи, целосниот капацитет што го поседуваше адаптираниот фудбалски стадион „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф за овој ракометен спектакл.
Сепак, рекордот би можел да биде урнат неколку години подоцна, откако првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер, изјави дека се во тек разговори со Шпанската Ракометна Федерација, финалето на ЕП 2028 да се игра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.
Шпанците ја презентирале идејата како дел од кандидатурата, а откако ЕХФ ја избра оваа земја за домаќин, се очекува во наредниот период да се извршат конкретни напори за ова да биде реализирано.
„Во тек се нашите разговори со Шпанците за финален викенд во Мадрид во 2028, и тоа на стадионот Сантијаго Бернабеу. Искрено, до пред некое време стравував од идејата за финале на стадион бидејќи секогаш постои ризик нешто да не функционираш. Сега, верувам дека ако постои добра организациска подготвеност тоа е сосема реално. Името „Бернабеу“ звучи навистина добро. Знаеме дека 2028 е далеку, но интензивно ги разгледуваме сите аспекти за оваа идеја да се реализира“, изјави Видерер за „Билд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА