Шведските ракометари не можат да го преболат поразот во полуфиналето од Франција, но вината наместо кај себе за прокоцканата предност ја бараат кај македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Нашите арбитри судеа беспрекорно цел меч, но скандинавците се бесни за ситуацијата во поледната секундата од регуларниот дел, кога Пранди постигна гол од десетина метри што според Швеѓаните морал да биде поништен. Шведската Ракометна Федерација испрати и официјална жалба до ЕХФ за овој судиски превид, па останува да се види одлуката на европската куќа на ракометот, ако се знае дека ако арбитрите навистина погрешиле, со тоа е директно влијаено врз конечниот исход и патникот во големото финале.
„Приговорот не се однесува на тоа дали голот бил регуларен, туку зошто немаше прегледување на ВАР. Не знаеме каква одлука ќе биде донесена, но јасно е дека мораме да се бориме за сопствените вредности. Жалбата е поднесена до ЕХФ, ќе видиме што ќе биде одлучено“, изјави тим-менаџерката на Шведска, Хана Фегелстрем.
Ракометарот Џим Готфридсон не го криеше разочарувањето од случувањата во самиот финиш од регуларниот дел од полуфиналето.
„Се чувствувам ограбено, мислам дека тоа важи и за сите Швеѓани овде во Келн, но и дома. Не можам да поверувам дека не отидоа да го проверат тој гол и да погледнат што се случи. Подобро да не кажам ништо повеќе, лут сум и разочаран. Нема потреба да ја гледам повторно снимката, знам дека Пранди ја крена ногата. Тој не може никако да се истегне на десно и да шутне крај живиот ѕид ако не ја крене ногата“, изјави Џим Готфридсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА