Данска е вториот финалист на ракометниот европски шампионат откако скандинавската селекција славеше во дуелот со Германија со резултат 29-26, закажувајќи си меч за златниот медал против репрезентацијата на Франција. Данците ја оправдаа фаворитската улога, откако домаќините успеаја да парираат само едно полувреме, по што избраниците на Јакобсен во вториот дел наметнаа темпо што Германците не успеаја да го следат.
Јакобсен изненади со одлуката да му даде шанса на Ландин пред Нилсен кој брани одлично на овој шампионат, но првото полувреме сепак мина во знакот на Ландин и Волф, кои брана одлично. Данска беше надвор од ритам во нападот, Германците водеа во речиси целото полувреме и на одмор заминаа со водство од 14-12. Ситуацијата целосно се промени во второто полувреме, кога Данска заигра седум на шест во нападот беспрекорно организиран од Микел Хансен, додека Нилсен застана на голот на местото на Ландин. Светските шампиони не само што експресно се вратија, туку и набрзина го свртеа резултатот во своја полза. Додека Волф правеше чуда на голот германските ракометари успеваа да парирааат, но Данска успеа да се одлепи на десетина минути до крајот, трасирајќи си го патот до победата. Данците имаа убедливи 27-22, Германија успеа да се приближи, но „црвено-белите“ преку Хансен ставија печат на победата, на крајот изразена со конечните 29-26.
Гидсел беше запрен на само четири гола, но најефикасни во данскиот состав беа Јоргенсен, Питлик и Јакобсен со по пет погодоци. Кај Германија најдобар стрелец во овој пораз беше Ренарс Усчинс со пет гола, пред Кнор со четири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА