Брегалница под водство на новиот тренер Трајче Сенев во недела (26. коло од ПМФЛ) ја очекува битка за позитивен резултат против Шкупи на домашен терен во желбата за враќање на позитивниот дух во тимот низ сезоната во која „сините“ ги чека тешка борба за опстанок до крајот.
Фудбалерите во тимот се свесни дека мора веќе да се дава максимумот, што го нагласува и крилниот офанзивец Пепи Ѓорѓиев
„Секоја промена што се прави, се прави да биде подобро. Искрено се надевам дека ќе заиграме онака како што можеме и знаеме и дека бодовите ќе се нижат на нашето конто, со што ќе ја оствариме толку посакуваната цел, опстанокот“ – вели Ѓорѓиев кој претходно во кариерата настапуваше токму за Шкупи.
„Имаат одличен тим, клуб со одлична организациска поставеност и јасна цел. А тоа сигурно е двојна круна годинава. Еден од најдобро организираните клубови во Македонија, со фудбалска визија, константност и супер публика, која ги поддржува во сите моменти“.
Но, на Брегалница и се повеќе од неопходни бодовите…
„Со целата наша енергија, со сето наше фудбалско знаење ќе атакуваме на трите бодови. Потребно е ние да си го одиграме нашето, да го дадеме последниот атом од силите и максимумот на теренот, да покажеме победнички менталитет, а верувам со таква една игра, бодовите нема да изостанат. Ја повикувам нашата верна публика да дојде, да ние даде “ветер во грб” и заедно да се радуваме по истекот на 90 минути“ – вели Ѓорѓиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА