Од тетовска Шкендија, по поразот од Тиквеш во Кавадарци и значајно загубените бодови во трката за шампионската титула, преку соопштение повикуваат на единство во клубот во насока на максимална мобилизација за позитивен крај на сезоната.
Тетовци порачуваат дека на крајот од сезоната ќе се прават анализите и ќе се поднесуваат сметките за грешките во ова првенство, а сега е неопходна поддршка од сите страни за клубот до крај да се бори за освојување на трофејот.
„Анализа за тоа каде погрешивме се прават на крајот. Сега ни треба единство и поддршка од јавноста. И покрај негативата, Шкендија во преостанатите пет натпревари има реални шанси за титулата и црвено-црните со поддршка од јавноста се решени да ги искористат сите шанси. Шкендија од следниот викенд ја очекува серијата од последни пет првенствени дуели каде ќе се одлучува оваа сезона. Не очекуваат три домашни средби и две гостувања на кои ќе се одлучува за титулат. Шкендија е на шест бода од првото место, загубивме доста бодови, но исто така и нашите ривали и нестандрната форма на сите не прави решени да се обидеме да го извлечеме максимумот од преостанатите натпревари, уверени во среќен крај“ – се вели во соопштението од Шкендија, во кое се дополнува:
„Распоредот ни дава за право да бидеме оптимисти. Во недела гостуваме кај Гостивар, а потоа повторно дома играме против АП Брера. Во последните три круга следи вистинската трка кога водечките тимови ќе се соочат еден со друг. Најпрво одиме во Чаир против Шкупи, пред да ја чекаме Струга во Тетово во претпоследното коло. Последниот натпревар го играме на гости кај Работнички во колото кога играат Струга и Шкупи. Сега ни треба единство и поддршка. Сметки за тоа каде погрешивме ќе поднесеме на крајот. Во меѓувреме посакуваме и веруваме дека заедно можеме да ги свртиме работите во наша полза. Како ќе му пристапиме зависи од нас. Поминавме низ уште посериозни предизвици. Вреди да ја минеме оваа борба заедно, со верба дека на крај ќе бидеме победници“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА