Во само шест пролетни кола, половина Прва лига ги смени тренерите!

По првите шест пролетни кола во најсилната домашна лига дури пет прволигаши се одлучија за смена на тренерската позиција.

Последна тренерска жртва беше Младен Жижовиќ, шефот на стручниот штаб на Шкупи, кој последниве години често менува тренери. На неговото место е ангажиран Ернест Ѓока од Албанија, кој пред неколку години беше тренер на Шкендија.

Пролетната смена на тренери ја отвори Воска која му се заблагодари на Милан Радоњиќ од ЦрнаГора со ангажманот на Срѓан Захариевски. Потоа на ред дојде Македонија ЃП која му даде отказ на Тони Џангаровски, по слабите  резултати. Сега клубот од Ѓорче Петров ќе се обидува да го спаси од испаѓање новиот тренер Бобан Грнчаров. И Работнички се раздели од својот тренер Гоце Седлоски, на клупата доста успешно седи Горан Станиќ.

И на крајот од Брегалница си замина Горан Здравков, заедно со „резервниот“ тренер Ангел Темелков. Штипјаните во битката за опстанок ќе ги спасува Трајче Сенев.

Пролетва и во Втората лига два клуба ги сменија своите тренери. Караорман дури двајца. Најпрво отказ доби Скендер Таири, по него даде отказ Илче Перески, сега на клупата на струшкиот клуб е Здравко Цветановски. Не остана покус и Кожуф. Си замина Трајче Сенев,  гевгелискиот клуб доби нов тренер во Филип Деспотовски.

М.Мицковиќ

Се вчитува...