Какво славје беше тоа минатата недела кога речиси сите жители на велешкото село Горно Јаболчиште ги пречекаа фудбалерите на Башкими по нивната победа во гости против екипата на Бабуна со 5-1 со која на две кола пред крајот на Општинската фудбалска лига Велес го обезбедија првото место на табелата. Сега имаат дури 8 бодови предност пред клубот Илинден од Башино село и од есен, за првпат од своето формирање 2005 година ќе играат во повисок ранг, во Третата фудбалска лига-југ. До овој решавачки меч за првото место Бабуна беше второпласирана на табелата но доживеа вистински дебакл пред своите гледачи.
Фудбалерите од селото Горно Јаболчиште предводени од својот тренер Мелеки Бејрули заслужуваат да се напише за нив, бидејќи тренираат на една ливадинка ,импровизирана како еден помал фудбалски терен, бидејќи во селото нема вистинско фудбалско игралиште, па затоа своите мечеви ги играат на теренот во Општина Чашка. Практично се гости на секој натпревар. Но тоа не им пречи поради нивната голема љубов кон фудбалот, да победуваат и да бидат први во Општинската лига. Речиси половина жители од селото ги следеа на сите натпревари не само во Чашка давајќи му подршка на својот омилен клуб.
„Речиси 19 години откако на моја иницијатива беше формиран фудбалскиот клуб Башкими во селото, го чекавме овој ден конечно и ние да играме во повисок ранг“ – вели професорот за физичка култура Авни Нухиу, кој денес е секретар на второлигашот Башкими од Куманово. Тој со своето фудбалско искуство многу помогна последниве години, заедно со претседателот на клубот од селото Мустафа Јаја и спортскиот директор Адем Бечири да дојде до овој успех.
„Ќе се обидеме со финансиска помош на Општината Чашка и на жителите на селото да изградиме во блиска идина свое игралиште. Тоа е нашиот сон, верувам дека ќе се оствари“ – дополнува и секретарот на клубот, Елхам Беќири кога го посетивме Горно Јаболчиште.
Историскиот успех на клубот со пласманот во Третата фудбалска лига-Југ за ФК Башкими го остварја: Енис Јаја, Мустафа Јаја, Зани Максути, Вергим Јаја, Шпенди Ахмети, Елхам Бечири, Суади Ајрули, Пајтим Пајазити, Февзи Ахмети, Басри Ахмети,Тахир Ахмети, Мирсад Јаја, Бурхам Исмети, Арлинд Јашари, Елфати Тахири, Имрам Ахмети, Сабахудин Шабани, Реџеп Зечири, Фуат Садику, Албин Јашари, Ерхан Усеинов, Зани Ахмедов и Натмир Зечири.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

