Македонската ракометна заедница е во вистински шок од денешната вест за смртта на едно од најголемите имиња на македонскиот ракомет, Александар Јовиќ.
Личноста која остави силна трага на домашната ракометна сцена остави огромна загуба за домашниот спорт. Ракометната федерација на Македонија како и сите домашни клубови, но и бројни ракометари и ракометни работници се збогуваа од Јовиќ.
Од Јовиќ се збогуваше и неговиот поранешен клуб Е. Пелистер…
„Денешниот ракометен ден започна со најлошата можна вест. Ненадејно не напушти еден од најракометните ликови во поновата историја, наш поранешен играч и тренер и култен лик во секоја пора на македонскиот ракомет. Смртта на Александар Јовиќ е голем удар за РК Еурофарм Пелистер, за целото наше ракометно семејство, за ракометна Битола, за навивачите. Јовиќ беше шампион на Македонија како играч и како тренер во нашите бои, вгради голем труд во развојот на клубот и тимот и секогаш ќе биде запаметен како еден од творците на нашиот процес. Сепак, најмногу ќе го паметиме како мирен и работлив човек, неразделно поврзан со ракометот и спортот и голем и верен пријател. Јовиќ беше и поранешен македонски репрезентативец како дел од генерацијата која го вивна македонскиот ракомет на европската и светската сцена. Почивај во мир Ацо…“ – се вели во објавата на Е. Пелистер.
Последно збогум испратија и ГРК Охрид и РК Бутел, истакнувајќи го значењето на Јовиќ за македонскиот ракомет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА