СЕ ВРАТИ ФОРМУЛА 1 – Тинејџерот на Мерцедес го засени дебито на Хамилтон (ВИДЕО)

Формула 1 конечно се врати со предсезонските тестирања, кои ќе се одржат во следните три дена во Бахреин.

Во центарот на вниманието првиот ден беше првенствено Луис Хамилтон, кој го имаше првиот официјален настап како возач на Ферари. Британецот го постигна петтото најбрзо време по четиричасовната утринска сесија, со заостанување од 406 стотинки зад лидерот во новиот Ф25 болид.

Ветеранот Фернандо Алонсо исто така беше на патеката со својот Астон Мартин, а дебитантот на Ред Бул, Лиам Лосон имаше одличен ден, поставувајќи го второто најбрзо време. Денот, во секој случај, го одбележа тинејџерот на Мерцедес, Андреа Кими Антонели, кој беше најбрз со време од 1:31.428 минути. Третиот резултат го имаше Алекс Албон, а побрз од Хамилтон беше и Јуки Цунода.

Во утринската програма возеа и Оскар Пјастри, Џек Духан, Нико Хулкенберг и Оливер Берман, кој беше убедливо најбавен, четири секунди зад Антониели, додека сите останати беа во рок од една секунда, но тој извозе најмногу кругови од сите во неговиот Хаас, 72.

Во попладневната сесија ќе настапи актуелниот шампион Макс Ферстапен, како и Ландо Норис, Шарл Леклер, Џорџ Расел, Карлос Саинц…

НАЈНЕИЗВЕСНАТА СЕЗОНА ДОСЕГА

Следните денови во Бахреин ќе ни покажат каква соработка ќе остварат Хамилтон и Чарлс Леклер, но и како Мекларен ќе одговори со Ландо Норис и Оскар Пјастри, или дали Ред Бул му овозможи на Макс Ферстапен да ја продолжи својата доминација петта година по ред.

Се очекува новата сезона да биде многу повозбудлива и порамномерна од претходната. Сепак, поради невообичаеното време во Бахреин, прашање е колку тоа ќе им помогне на тимовите да ги подготват своите болиди за напорна и предизвикувачка сезона.

ЗАЛУДНИ ТЕСТИРАЊА ВО БАХРЕИН?

Деновиве во Бахреин беше некарактеристично студено, само 16 степени Целзиусови, а силниот ветер создава впечаток за уште постудено време. А со оглед дека во сите три дена тестовите ќе траат до осум часот навечер, тие ќе се возат во уште постудени услови.

Зошто е ова важно? Бидејќи повеќето трки се одржуваат во топли временски услови, сите тимови ги дизајнираат своите болиди, а добавувачот на гуми Пирели ги дизајнира своите гуми за да функционира најдобро во такви временски услови.

Бидејќи условите оваа недела нема да бидат ни приближно до тоа, прашање е колку ќе бидат точни резултатите што ќе ги добијат тимовите и производителите на пневматици, особено кога станува збор за ладењето на болидите.

ШТО ЌЕ БИДЕ РАЗЛИЧНО?

Воведени се неколку технички промени:

* минималната дозволена тежина на возачот е зголемена од 80 килограми на 82;
* вкупната тежина на автомобилот се зголеми од 798 на 800 кг;
* и комплетот за ладење на возачот е зголемен за 5 кг, поради опасност од топлина;

Во делот за спорт:
* се укинува бодот што им се доделува на возачите (Топ 10) за најбрз круг;
* се заоструваат ограничувањата за тестирање на претходните автомобили;
* се предвидуваат построги прописи и повисоки казни (од 40.000 до 120.000 евра) за „непристојно однесување и говор на возачите“ (пцуење, навреди, омаловажување…);
* Бројот на застанувања во бокс на Големата награда на Монако ќе биде зголемен за промотивни цели.

Сезоната во Формула 1 започнува на 16 март на патеката Алберт Парк во Мелбурн, а потоа следат Шангај, Сузука, Сахир, Џеда и Мајами… Во средината на мај „циркусот“ ќе пристигне во Европа, од Имола, преку Монако и Каталонија, летната пауза ќе биде во текот на август, а сезоната ќе заврши со 24-та трка од Големата награда на Абу Даби на 7 декември.

Се вчитува...