Штета: Поразот во Монпелје го чинеше Вардар Ф4 во Лигата на Европа

Двократниот европски шампион Вардар славеше на домашен терен против Монпелје со 27-24, но не успеа да ја надокнади негатива од десет гола од првиот меч одигран во Франција и со тоа во четвртфиналето на Лигата на Европа ја заврши годинашната авантура на стариот континент.

Хорига и Малус се вратија во тимот на Вардар за овој меч, а токму Украинецот беше стрелец на првиот гол за нашиот тим со кој израмни на 1-1 во 3. минута.

На голот одличен повторно беше Валах кој за четири минути забележа дури четири одбрани, а во листата на стрелците се запиша и Јака Малус за водство на домаќините од 2-1. Иако избраниците на Чупиќ играа одлично во одбраната, тоа не успеваа да го материјализираат во нападот па по девет минути игра имаа само еден гол предност од потребните десет (3-2).

Двократниот европски шампион продолжи со одличната игра во одбрана, но почна и да погодува во нападот, па со голот на Митровиќ во 13. минута за првпат стигна до плус три 6-3. Одличната игра продолжи и во следниот период, а Да Силва во 18. минута стрелаше прецизно за плус четири 10-6. Следуваше погодок Воркапиќ за 12-7, по кој еруптираше вулканот во Јане Сандански.

Лоша вест за домаќинот беше тоа што во следниот напад остана без Митровиќ кој доби син картон поради груб старт на искусниот Порт. Французите кои очигледно беа исплашени од атмосферата продолжија со провокациите не само кон играчите туку и кон публиката. Со големиот број прекини кои ги исценираа го успорија брзото темпо на нашиот тим, па откако намалија на 13-10 во 24. минута Иван Чупиќ мораше да го побара својот прв тајм аут. До крајот на првиот дел нашиот тим дојде и до плус пет (17-12).

Како што почна првипт дел, така и вториот Хорига стрелаше овојпат за највисоки досега плус шест 18-12. Стигнавме и до плус седми 20-13, но следуваше мал пад откако неколку напади завршија без погодок, а Французите намалија на 20-14 во 39. минута.

Дојде до израз тоа што Хорига и Малус не се на сто отсто, Вардар доживеа голем пад, а Монпелје на 15 минути до крајот дојде на само минус четири 22-18, по што Чупиќ мораше да го побара својот втор тајм аут.

До крајот Вардар успеа да стигне само до почесна победа од 27-24. Јака Малус со шест гола беше најпрецизен во таборот на Вардар, а на крајот за жал беа недоволни 17 одбрани на Валах. Кај Монпелје Дезбоне заврши со 15 интервенции, а по пет гола дадоа Вилемино, Ришер и Плантан.

 

Се вчитува...