Порто го доведе тренерот што ја загуби титулата со Ајакс

Порто денеска и официјално го промовираше Франческо Фариоли за тренер за наредната сезона, избирајќи го 36-годишниот италијански стратег за наследник на Мартин Анселми, кој доби отказ по слабиот настап на Порто на клупскиот мундијал.

„Франческо Фариоли е нов тренер на Порто. Тој има 36 години, роден е во мал град во Тоскана и има различен пат во животот од многу стратези. Како фудбалски фанатик и поранешен аматерски играч, тој никогаш не го напушти академскиот живот и дипломираше филозофија на Универзитетот во Фиренца“, се вели во соопштението на португалскиот гигант.

Фариоли доаѓа на Порто од кормилото на Ајакс, каде мина една година. Италијанецот беше на чекор до огромен успех, но ја прокоцка предноста од девет бода на пет кола до крајот и ја загуби титулата од ПСВ Ајндховен, по што доби отказ.

Тој во меѓувреме доби неколку понуди, за на крајот да ја прифати онаа на Порто, денеска потпишувајќи тригодишен договор со овој клуб.

Португалскиот гигант ќе биде петти клуб во тренерската кариера на Фариоли, кој пред Ајакс ги водеше и Ница во Франција, како и турските прволигаши Камаѓумрук и Аланија.

Се вчитува...