Кудус кажа ДА, на потег е Тотенхем

Томас Франк има проблеми да доведе врвни засилувања во Тотенхем откако стана јасно дека неговиот миленик од Брентфорд, Ембеумо го избра Манчестер Јунајтед пред „спарси“. Сега погледите се насочени целосно кон Мохамед Кудус, репрезентативецот на Гана кој играше одлично во дресот на Вест Хем.

Франк смета дека Кудус би бил идеално засилување за позицијата десно крило, веќе и стапил во контакт со поранешниот фудбалер на Ајакс убедувајќи го да се пресели меѓу „спарси“. Информациите од Англија говорат дека разговорот со тренерот бил максимално продуктивен и Кудус веќе пресекол дека сака кариерата да ја продолжи токму во редовите на Тотенхем, тим со кој ќе може и да биде дел од Лигата на Шампионите.

Тој веќе ги прекинал разговорите со останатите заинтересирани клубови, но „спарси“ сега доаѓаат до потешкиот дел од задачата – да најдат заеднички јазик со Вест Хем околу висината на трансферот.

Понудата од 50 милиони фунти била експресно одбиена од „чеканите“, чии челници бараат 70 милиони фунти за да дадат зелено светло за заминување на одличниот фудбалер од своите редови. Сепак, кај двете страни постои оптимизам да биде пронајден заеднички јазик, па англиските медиуми најавуваат дека во следните денови би можел да биде постигнат целосен договор за сума од нешто над 60 милиони фунти.

Се вчитува...