Лионел Меси останува во Интер Мајами

Раководството на Интер Мајами преговара со Лионел Меси (38) за нов договор според кој аргентинскиот фудбалски волшебник би останал на Флорида  уште една сезона, објавија американските медиуми. Доколку планот се реализира, Аргентинецот би ја завршил сезоната 2025/26 во дресот на Интер, по што би настапил за Аргентина на наредниот мундијал, со што и официјално би ставил крај на својата неверојатна кариера.

Меси пристигна во Интер во јули 2023 година од ПСЖ, како слободен играч. Тој е убедливо најплатен фудбалер во МЛС лигата со годишна плата од 19 милиони евра, а актуелниот договор му истекува на последниот ден од оваа година.

Меси досега одигра 64 натпревари во различни натпреварувања за клубот од Мајами, чиј косопственик е Дејвид Бекам, постигнувајќи 52 гола и 25 асистенции.

„Мојот сон е Меси да го отвори нашиот нов стадион. Сакам тој да ја заврши играчката кариера во нашиот клуб и се надевам дека наскоро ќе можеме да им ја соопштиме добрата вест на нашите навивачи. Оптимист сум бидејќи направивме се Лео да се чувствува како дома“, изјави Хорхе Мас, еден од косопствениците на Интер Мајами.

Новиот стадион „Мајами Слобода Парк“ ќе биде отворен на почетокот на следната година.

Се вчитува...