Енцо Мареска не ја криеше гордоста откако успеа да го надмудри Луис Енрике и со својот Челси да слави во финалето над ПСЖ со убедливи 3-0.
Триумфот на лондонскиот клуб е апсолутно заслужен, а италијанскиот стручњак уште една ја потенцираше важноста на победата, бидејќи е забележана над актуелниот европски првак.
„Сите очекуваа триумф на ПСЖ, но ние знаевме за што сме способни. Фантастична реакција, фантастичен натпревар од целиот тим, ние сме клупски шампиони на светот и мораме да бидеме горди на тоа. Како што реков и на прес-конференцијата пред два дена, за мене ПСЖ е најдобриот тим во светот, со еден од најдобрите тренери во светот. Затоа ова што го направивме е нешто феноменално“, задоволен беше Мареска.
Потоа, Италијанецот откри и детал од тактиката со кој успеа да го исфрли од ритам големиот ривал.
„Наша желба беше да играме еден на еден, бидејќи ПСЖ е тим на кој што – ако му оставиш простор, тие ќе те убијат. Затоа игравме агресивна одбрана човек на човек, успеавме да ги „угушиме“, да ги исфрлиме од ритам. Тој наш интензитет во првите десет минути пресуди ние да ја имаме контролата над темпото, а не противникот“, прокоментира Енцо Мареска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

