Салах шокира: Спалети е најдобриот тренер со кого имам работено…

Мохамед Салах ја шокираше фудбалската јавност избирајќи го најдобриот тренер со кој египетскиот голгетер има работено. Тој во Челси за предводник го имаше Жозе Мурињо, во Ливерпул „експлодираше“ под водство на Јирген Клоп, а лани имаше сезона за паметење со Арне Слот, но „фараонот“ за свој омилен тренер сепак го избра – Лучијано Спалети.

Салах соработуваше со Спалети додека настапуваше за Рома, пред да се пресели во Ливерпул, потенцирајќи го италијанскиот стратег како клучен фактор за неговиот фудбалски развој.

„Лучијано Спалети е најдобриот тренер што сум го имал. Многу напреднав под негово водство, како на тактички така и на ментален план. Тој е тренер што ми даде можност да го истакнам својот талент, да израснам во врвен играч“, истакна Салах во интервју за „Франс Фудбал“.

Тој одговори и на прашањето за идеален соиграч, повторно не споменувајќи ниту еден од актуелните фудбалери на Ливерпул.

„Не играв со него многу, во периодот кога јас бев на највисоко ниво, но можам да кажам дека тоа е Еден Азар. Искрено ми е жал што не играв крај Стивен Џерард или крај Тиери Анри“, прокоментира Мохамед Салах.

Се вчитува...