Интер Мајами и Лео Меси продолжуваат да преговараат за продолжување на договорот. Соработката на Аргентинецот со клубот од МЛС истекува на крајот од 2025 година.
Продолжувањето е сè уште во фаза на преговори, но намерите на двете страни се јасни. Желбата на Меси е да остане во Мајами, така што, покрај освојувањето трофеи со клубот, ќе биде во полна форма за Светското првенство во 2026 година, што би било негово шесто по ред, а ова е нешто што никој во историјата на фудбалот не го постигнал (моментално осум играчи имаат по пет настапи, меѓу нив и Кристијано Роналдо).
Од друга страна, Интер разгледува понуда Меси да остане како играч уште најмалку три години (до 2028 година), па дури и подолго ако Лео сака да ја продолжи кариерата на 41-годишна возраст… Ова е она што моментално се дискутира во канцелариите на клубот во центарот на Мајами.
Интер нуди повеќегодишен договор, три, четири или пет години. Со други зборови, Меси ќе игра колку што сака, а потоа може да преземе друга улога во клубот, бидејќи Лео е дел од сопственичката структура на Интер, што е дел од неговиот оригинален договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

