МЗТ се засили со тројца американски кошаркари

МЗТ после продолжување на договорот со тренерот Васко Атанасов и целиот стручен штаб, сега промовираше и три принови во својот играчки кадар.

Улогата на ниско крило ќе му биде препуштена на Грегори Џонсон (25 год, 196 см), кој до предминатата сезона настапуваше за Истерн Њу Мексико универзитетот, додека во минатиот шампионат беше дел од австрискиот прволигаш Грац. На позицијата „два“, или популарно како бек-шутер ќе настапува неговиот сонародник, Елајџа Мекејден (25 год, 192 см), зад кого се две европски сезони. По завршување на универзитетската кариера во дресот на Мемфис тајгерс, тој се пресели во Португалија каде што прво играше за Портимоненсе, а потоа и за Бареиро. Вториот дел од минатата сезона, пак, го мина во полскиот првенство настапувајќи за ПГЕ Старгард.

Американската тројка ја комплетира Чарлс „Ел-Џи“ Гил (30 год, 203 см), кој игра на двете центарски позиции и кој е убедливо најискусен од нашите нови засилувања. По четирите години во НЦАА, тој минува три сезони во се повеќе атрактивната Џи лига, која е развојно натпреварување на НБА. Потоа, меѓу другото игра на Косово, а минатата сезона бил кошаркар на кипарскиот прволигаш Лимасол.

Од МЗТ најавија дека наскоро ќе ги објават имињата и на македонските кошаркари кои ќе му бидат  на располагање на тимот за идната сезона.

Се вчитува...