Основното јавно обвинителство во Штип ја информираше јавноста дека поднела кривична пријава против родителот на фудбалерот на Шкупи кој предизвика инцидент од невидени размени на младински натпревар и нападна дел од младите фудбалери на Брегалница.
Инцидентот се случил во моментот кога синот на напаѓачот добил црвен картон од страна на главниот судија по што во револт нападнал противник на теренот пред да се приклучи неговиот татко кој продолжил со насилство и нападнал и други деца со тупаници кои резултираа и со потешки последици и беа примени во штипската болница.
„Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот Бело Брдо во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи. Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи.
Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото“, стои во соопштението на ОЈО.
Случајот дополнително ќе биде истражен од страна на полицијата, а тешки санкции најави и фудбалската федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

