И ФИФА го суспендираше Престијани – Го пропушта стартот на Мундијалот

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) му изрече глобална суспензија на фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престијани, па тој би можел да ги пропушти првите два натпревари од Светското првенство доколку биде во репрезентацијата на Аргентина.

Пред две недели, Европската фудбалска унија (УЕФА) го суспендираше Престијани на шест натпревари, од кои три натпревари се условни, поради лошо однесување за време на дуелот против Реал Мадрид во плејофот од Лигата на шампионите.

Тој веќе пропушти еден натпревар поради суспензија, реваншот против Реал. Инцидентот се случи на 17 февруари во Лисабон за време на натпреварот од плејофот на Лигата на шампионите помеѓу Бенфика и Реал Мадрид.

Фудбалерот на мадридскиот тим, Винисиус Жуниор, постигна гол во 50-тата минута, тој славеше на корнер знамето пред домашните навивачи, кои беа вознемирени од тоа, па го навредуваа и фрлаа разни предмети кон него.

Винисиус набрзо отиде кај судијата и пријави дека Престијани го навредил на расна основа. Натпреварот беше прекинат 10 минути, а Престијани, кој си ја покри устата со маица кога дофрли нешто кон Винисиус, ги отфрли тврдењата дека расистички го навредил Бразилецот и рече дека погрешно го разбрал.

УЕФА побара од ФИФА да ја продолжи суспензијата на глобално ниво, што светското управно тело на фудбалот го прифати.

Се вчитува...