По паузата од малку повеќе од два месеци, се враќа македонскиот првенствен фудбал на сцена, а пролетната полусезона во Првата лига започнува со големо дерби во Тетово меѓу Шкендија и Струга Трим Лум.
Струга Трим Лум е второпласирана на табелата со 41 бод, еден помалку од лидерот Вардар, додека Шкендија се наоѓа на третата позиција со 36 бода.
Дерби натпреварите секогаш се непредвидливи, а така се очекува да биде и на утрешниот дуел против Шкендија, вели играчот за врска на Струга Трим Лум, Бесмир Бојку.
„Верувам дека имавме квалитетни подготовки во Анталија. Имавме одлични услови, одигравме неколку натпревари против многу силни противници и мислам дека сме подготвени за пролетниот дел од сезоната. Пред нас е дерби натпревар, играме против еден од најдобрите тимови во земјата. Ги знаеме квалитетите на Шкендија, но верувам дека ние, како Струга Трим Лум, сме подготвени да дадеме сè од себе за да оствариме успех на овој натпревар. Дерби натпреварите секогаш се непредвидливи, може да одлучи еден момент за време на натпреварот. Ние одиме во Тетово без психолошки притисок, ќе играме свој фудбал, а на крајот нека победи најдобриот“, вели Бојку во пресрет на дербито.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

