Актуелниот ракометен шампион Е. Пелисер успеа да договори квалитетно засилување за клучниот дел од сезоната, потпишувајќи договор со Никола Граховац.
Хрватскиот пивот доаѓа од редовите на бундеслигашот Вецлар, а во кариерата има настапувано и за Загреб и за Веспрем, тимови со кои 27-годишниот интернационалец беше дел и од Лигата на Шампионите.
„Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, дополнително се екипира за остатокот на сезоната. Клубот доведе нов кружен напаѓач, со што ја пополни празнината по заминувањето на Мохамед Калед Валид на почетокот од годината.
Наш нов член е хрватскиот кружен напаѓач Никола Граховац. 27-годишниот пивотмен се обврза на договор со битолскиот клуб до крајот на сезоната, со опција за продолжување и за следната. Тој доаѓа во Битола од бундеслигашот Вецлар и веднаш ќе му се стави на располагање на стручниот штаб. 201-сантиметар високиот Граховац има искуство од настапите на големата сцена, бидејќи во Лигата на шампионите играл за Загреб и Веспрем, а негов прв клуб е Дубрава.
Никола Граховац е хрватски репрезентативец, со настап на Европското првенство 2022 година и Олимписките игри 2024 година. Со јуниорската репрезентација на Хрватска стана европски вицешампион во 2016 година. Се работи за модерен прототип на пивотмен, кој ќе биде дополнителна вредност во периодот кој престои“, објавија битолчани на официјалната страница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

