Академија Пандев, проект кој гради иднина во мак – фудбалот

Академија Пандев со сениорскиот тим одлично го почна првенството во Првата лига, а најголем дел од првотимците произлегоа од младинската академија. Таа работи одлично и е проект кој гради иднина во мак – фудбалот. Една година по најавата, отворени се фудбалски школи во повеќе градови и општини во Македонија (ФК Еуроспорт – Пандев, ФК Драчево јуниор – Пандев, ФК Грозданоски – Пандев, ФК Кичево – Пандев, ФК Пенал – Пандев, ФК Тони – Пандев, ФК Македонски Брод – Пандев, ФК Фит Кит – Пандев, ФК Академија Пандев Скопје). Исто така, реализирано е успешно и првото издание на „Пандев куп 2018“, најголемиот турнир за млади категории во Македонија, со преку 2.200 учесници.

Натпреварите се играа во Скопје и во Струмица, учествуваа вкупно 96 екипи, беа одиграни 228 натпревари во девет возрасни генерации, и постигнати 757 голови.

„Среќни сме затоа што го остваривме најавеното, отворени се неколку младински школи под закрила на Академија Пандев, го организиравме „Пандев Куп 2018“, а исто така и „Пандев Камп“ во Банско. Нашиот клуб посветува големо внимание на развојот на младинскиот фудбал, оттаму ги црпиме нашите сили и енергијата за сениорскиот тим. Би сакал да истакнам и голема благодарност за поддршката, на премиерот Зоран Заев кој го отвори „Пандев Куп 2018“, до Агенцијата за млади и спорт и директорот Дарко Каевски, до ФФМ, до помагателите како ЈСП, Државен студентски дом Скопје. Ќе продолжиме да работиме напорно и веќе отсега правиме подготовки „Пандев Куп 2019“ да биде уште помасовен и подобро организиран“, вели Југослав Тренчовски, шефот на стручниот штаб, кој е истовремено и координатор на младинската академија.

     

Беше реализиран и „Пандев Камп“ во Банско на кој учествуваа 320 деца од филијалите на Академија Пандев. На кампот беа присутни 30 домашни тренери, како и тренери од Шпанија и од Грција.

„Го реализиравме првиот „Пандев Камп“ во Банско. Како и што ветивме, на почетокот на ноември, најквалитетните деца од кампот ќе одат на доусовршување во екипата на Џенова во Италија. Задоволни сме од првото издание, а планираме во иднина кампот да се организира во Струмица. Тоа е нашата цел, да ги собереме најквалитетните млади фудбалери во државата и да им овозможиме услови за напредок. Голема помош имавме секако од Горан Пандев, кој финансиски ги помогна сите деца со дел од партиципацијата“, истакнува Тренчовски.

Паралелно, Академија Пандев се натпреварува и во прволигашката конкуренција. По четири одиграни кола, со три победи и еден пораз, се наоѓа на втората позиција на табелата, а следен предизвик ќе биде тимот на Силекс, на домашен терен.

 

Се вчитува...