АНАЛИЗА: Блесокот на Велковски, заборавениот „фитиљ“…

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонија денеска ќе го заврши настапот на уште едно европско првенство, со многу слично сценарио на последните, пласман во втората фаза од шампионатот, а потоа низа пораз за збогување. Има само една разлика, и тоа многу важна – овојпат првата рунда ја одигравме фантастично, дури и отпатувавме како првопласирани во Вараждин, за во овој град што будеше убави спомени да не го издржиме ритамот од Загреб. Иако тотално потопени од Шпанија, многу повеќе болеше овој вториот пораз, минималниот од Чешка.

Долго имавме и игра и резултат, но во клучните моменти недостигаше ладна глава на терен и свежа идеја од клупа… за на крајот да се случи она што никој не го посакуваше.

1. Кузмановски заборавен

Миркуловски беше заборавен против Шпанија, па блесна против Чесите, но прашањето е зошто Раул Гонзалес овојпат го заборави Филип Кузмановски на клупата. Неговото објаснување „сите играле добро“ можеби важеше за првото полувреме, но во вториот дел имавме очигледен пад во играта, пред се во нападот. Во петнаесетина минути дадовме само два гола, имавме и еден тајмаут што воопшто не вроди со плод, па логично прашање е зошто не влезе „Фитиљо“, за нова експлозија на македонскиот напад како против Црна Гора.

2. Блесок на Мартин Велковски

Треба само малку повеќе верба… за работите да тргнат како што посакувате. Велковски одигра слабо со Шпанија, почна со две грешки и со Чешка, но знаејќи дека ја има поддршката од соиграчите и селекторот младиот бек на Металург влезе во ритам. Го заврши мечот со четири погодоци и три асистенции, покажувајќи дека во иднина може да се смета на неговите услуги, дури и за повремено Кире Лазаров да добие одмор, а Велковски да се адаптира целосно за периодот кога капитенот ќе му каже збогум на националниот тим.

3. Слаба реализација со играч повеќе

Настапот со играч повеќе, со браќата Лазарови како бекови и двајца пивоти, функционираше добро во досегашниот дел од првенството. Сепак, без капитенот Кире Лазаров и овој адут пропадна, набрзо тоа стана јасно, Филип не функционираше ниту приближно добро ни со Миркуловски, ни подоцна со Мартин Велковски. Не само што не реализиравме, туку и почетнички грешевме во овие ситуации. Мечот го завршивме со четири гола во десетте минути игра со ракометар повеќе (примивме три), а треба да се потенцира фактот дека за тие десет минути искреиравме простор за само седум шутеви (од кои едвај половина завршија во мрежата).

Се вчитува...