Еден од водечките спортски кардиолози во Англија вели дека не е сигурно дека Кристијан Ериксен во иднина повторно ќе игра фудбал. За време на мечот со Финска на Европското првенство, данскиот фудбалер доби срцев удар и поради тоа, колабираше на теренот.
Професорот по спортска кардиологија на Универзитетот „Сент Џорџ“, Санџај Шарма работел со Кристијан Ериксен додека тој играше за Тотенхем. Шарма верува дека се случила некоја голема грешка во врска со здравствениот билтен на данскиот фудбалер, и дека најголемото прашање сега е што се случило и зошто.
„Ова момче имаше нормални тестови до 2019 година, и сега како да ја објасниме срцевата слабост? Сето тоа ја потресе целата нација. Добрата вест е дека тој е сè уште жив, лошата е што оди кон крајот на својата кариера. Дали тој сепак ќе игра фудбал професионално? Не можам да кажам. Тој не би можел да игра во Англија. Ние сме многу строги во врска со тоа“, рече Шарма.
Тој додаде дека причина за срцевиот застој кај Ериксен може да биде некоја недефинирана здравствена состојба или висока температура, но добар знак е дека тој е буден во болницата.
„Фактот дека тој е стабилен и буден е одличен. Не знам дали тој некогаш повторно ќе игра фудбал. Да не го кажам ова премногу отворено, но тој неколку минути беше мртов, а лекарите на теренот успеаја да му го вратат животот. Ако сега прашањето е дали лекарите ќе му дозволат повторно да игра фудбал и да ризикува да умре – одговорот е не“, јасен е Шарма.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА