Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“(Германија),„Спорт-Експрес“ (Русија), „Франсфудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија), „Телеспорт“ (Хрватска), „Стандард“ (Австрија), ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020.
Англија важи за еден од фаворитите за највисок пласман, а денешниот дуел со Хрватска е идеален испит за можностите на „гордиот албион“.
За ЕКИПА пишуваат: Џејкоб Стајнберг и Симон Бурнтон (Гардијан – Англија)
Твитер профили: @JacobSteinberg и @Simon_Burnton
Иако минатите години големите очекувања од Англија делуваа смешно, се чини дека годинава оптимизамот изгледа реален. Нема потреба од комплекс на инфериорност. Не е спорно дека избраниците на Герет Саутгејт може да ги затворат разговорите за 1966.
Ова не е типична англиска ароганција пред голем турнир. Не може да се негира дека Англија која убедливо ги помина квалификациите не е еден од претендентите за титулата. Имаат страшен напад кој многу напредува од времето кога играше полуфинале на Светското првенство во 2018 година. Тим со голема широчина во составот благодарение на големиот број одлични млади фудбалери.
Возбудливо е да се замисли дека технички одлични фудбалери како Мејсон Маунт и Фил Фоден се наоѓаат зад капитенот Хари Кејн. Џек Грилиш е уште еден кој нуди непредвидливост и навистина е примамливо да се претпостави дека главниот проблем на Саутгејт ќе биде како да го состави најдобриот напад. Рахим Стерлинг не можеше да отпадне од тимот и покрај не така добрата сезона во Манчестер Сити, а и покрај тоа што Маркус Рашфорд се мачеше со многу повреди сезонава тој и понатаму е клучен играч.
Сепак, проблеми и понатаму има. Покрај целиот потентен напад, сомневања постојат во другите линии. Џордан Пикфорд не е константен на голот. Одбраната предизвикува загриженост. Хари Мегваер го пропушти финишот на сезоната поради повреда, а рехабилитацијата на Џон Стоунс е добредојдена. Грешката на централниот бек на Манчестер Сити на мечот против Полска во март покажа дека се уште ги нема надминато грешките.
СЕЛЕКТОРОТ
„M&S“ објави дека продажбата на елеци се зголемила за 35 отсто во текот на Светското првенство во 2018 година кога Саутгејт го претвори во модна икона. Тоа што сака да игра со двајца „деструктивци во средниот ред“ пред последната линија покажува дека не сака многу да ризикува, но и дека знае да го искористи неверојатниот напаѓачки потенцијал кој го има во репрезентацијата. Тој е трет најдобар селектор на Англија по процентот на победи, каде се наоѓа само зад Фабио Капело и Сем Алардајс кој беше само еден меч на клупата на Англија.
ИКОНА
Во текот на последната година суперталентираниот фудбалер Маркус Рашфорд стана личност која е од национална важност. Успеа сам да ја победи целата британска влада организирајќи национална кампања за помош на сиромашните во периодот на коронавирусот. Се придружи на агенцијата „Рок нејшн“ на Џеј-Зи, и формираше хуманитарна организација во партнерство со „Бурбери“. Фотографија на Рашфорд стана најпопуларна британска објава на „Инстаграм“ на сите времиња, а со готвачот Том Кериџ водеше интернет прогама за готвење. Тој формираше клуб за деца со проблеми во развојот, а напиша и книга која го носи насловот „Ти си шампион“.
БЛАГОДАРЕН ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020
Пред една година Џад Белингем беше само некое дете кое игра во Чемпионшип во дресот на Бирмингем. Сега тој е дете кое игра во Лигата на шампионите, што е многу поразлична перспектива. Со одличните партии во Борусија Дортмунд, Саутгејт го повика во репрезентацијата.
„Не можам да бидам поимпресиониран од него како човечко суштество“, коментира селекторот за најновата млада „ѕвезда“ во англискиот национален тим..
Ако Англија го освои првото место во групата, во осминафиналето ќе игра на „Вембли“ на датумот на кој Белингем ќе го прослави својот 18. роденден.
ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (3-4-3): Пикфорд – Вокер, Стоунс, Мингс, Чилвел – Хендерсон, Рајс, Маунт – Фоден, Кејн, Стерлинг.
ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ:
Се додека на дресовите се „Трите лава“, химната од 1996 година – „Football is coming home” ќе се пее меѓу приврзаниците на „гордиот албион“. Иако тогаш беа само 30 години, сега се 55 од последната титула, што е уште повеќе депресивно за англиските фудбалски фанатици.
Песната ја изведуваат Бадиел, Скинер и „Лајтнинг сидс“, а во текстот го има и стихот: “Everyone seems to know the score, They’ve seen it all before, They just know, They’re so sure – That England’s gonna throw it away, Gonna blow it away, But I know they can play, ‘Cause I remember”
ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ
“Can we not knock it?” – Направи нешто пред да критикуваш.
„О господе, не повторно пенали“ – „Пенал-рулетот“ е вистински малер за Англичаните на големите натпреварувања. Англија победи само еднаш од четирите пати кога играше на пенали.
ПАНДЕМИСКИ НЕГАТИВЕЦ
Многу фудбалери ширум Европа помагаа во своите заедници во последните 15 месеци, сепак постојат и исклучоци и тие се чини дека најчесто играат за Англија.
Фил Фоден и Мејсон Гринвуд беа исфрлени од репрезентацијата откако на гостувањето кај Исланд го прекшија карантинот откако минатиот септември се дружеа во хотелската соба со неколку Исланѓанки. Дома во Англија пак Кајл Вокер приреди голема забава, откако претходно на социјалните мрежи им порача на сите следбеници да внимаваат на себе и да седат дома. И Џек Грилиш испраќаше пораки дека за да спасите животи треба да останете дома, а потоа замина на голема забава, за на крај да предизвика сообраќајка на паркинг откако со неговиот „Ренџ ровер“ влета во неколку паркирани автомобили.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА