Битка за последните три европски визи за СП

Само уште три слободни места преку европските квалификации остануваат да бидат пополнети со одигрувањето на натпреварите од последното коло во циклусот за пласман на Светското првенство во Кина годинава.

Три директни дуели ќе ги одредат последните патници кои ќе им се приклучат на веќе пласираните, Чешка, Франција, Германија, Грција, Италија, Литванија, Полска, Шпанија и на Турција.

Репрезентацијата на Србија по шокантниот пораз од Естонија во претходното коло е пред императив на победа во последниот дуел против Израел. Триумфот е неопходен за светскиот и европски вицешампион да не зависи од исходот на другиот натпревар во групата. Србите ќе се пласираат со било каква победа, но и со пораз, не повисок од 21 поен ако Грузија ја победи Естонија. Израел ќе се квалификува ако победи и Естонија триумфира над Грузија. Втората опција е Израел да победи со најмалку 22 поени разлика.

Русија и Финска исто така во директен дуел ќе решаваат за патникот на Светкото првенство. Русија е во за нијанса подобра ситуација, било каква победа и пораз, но со најмногу два поени разлика ја води во Кина. На Финците им треба победа со три или повеќе поени.

Последниот учесник на Мундијалот ќе биде одреден утре кога се среќаваат Црна Гора и Летонија. Црногорците го добија првиот дуел со 84-75 и затоа можат да си дозволат и пораз, но не со повеќе од осум поени. Ако забележи победа повисока од тоа, Летонија ќе патува за Кина.

 

 

Се вчитува...