Ракометарите на Вардар имаат четири порази во првите четири рунди од Лигата на шампионите, па по последниот неуспех во Полска ги загубија сите шанси за пласман во следната фаза.
Сепак, „црвено-црните“ порачуваат дека се решени да продолжат максимално мотивирано и на преостанатите две средби од ЛШ за оваа сезона, почнувајќи од вечерашниот меч во Франција против Нант (20.45 часот). „Вардарци“ се уште ги боли несреќниот минимален пораз во Скопје од овој ривал од 32-33, што ќе послужи како мотив плус за македонскиот првак вечерва да се покаже во најдобро можно светло.
Во составот на Вардар се враќа Урош Митровиќ, кој ја одработи суспензијата од четири натпревари и првпат сезонава ќе може да настапи во Лигата на шампионите. Тренерот Иван Чупиќ нема да може да смета на Мохаб Абделхак, кој има здравствен проблем, како и на Махамаду Кеита, кој поради вироза не отпатува со екипата.
„Сакаме да победиме и да останеме конкурентни, како што бевме досега. Знаеме дека е многу тешко да се победи во Нант. Не сакам да размислуваме дека само добро издание и добар впечаток ќе бидат доволни. Во Нант мора да се бориме, да покажеме вистински гард и вистински став, како и секогаш досега. Тоа никогаш не смее да изостане.
Ова се тешки моменти. Имавме големи очекувања и се надевавме дека ќе ја поминеме групната фаза. Сепак, сакаме да испратиме порака за во иднина дека сме живи и конкурентни и дека оваа екипа е во процес на развој. Секој натпревар во Лигата на шампионите за нас е како финале. Мора да се претставуваме како што треба и сакаме да учиме од секој одигран меч“, истакна тренерот Чупиќ во пресрет на вечерашниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
