Најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ е посветена на „Мундијалот на пријателството“ кој петта година по ред се одржа во Улцињ, Црна Гора, а на кој се собираат голем број легенди на поранешниот југословенски спорт, врвни спортисти освојувачи на бројни одликувањата од големите натпреварувања.
Па, гости и во „ПРЕСИНГ“ беа дел од најголемите имиња на екс-југословенскиот спорт, меѓу кои и легендарниот словенечки кошаркар Петар Вилфан кој беше сигурно еден од најдобрите кошаркари во Европа во периодот на крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години. Член на Југопластика, Олимпија и Партизан кој со репрезентацијата на Југославија ја освои светската шампионска титула во 1978 година, како и европската вицешампионска титула од 1981 година.
Меѓу бројните теми Вилфан, истакнувајќи пофалби за организацијата на Мундијалот на пријателството, неизбежно, во разговорот за ПРЕСИНГ и со свој коментар за македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски, кој е негов зет, сопруг на неговата ќерка, исто така славна поранешна словенечка кошаркарка, Ања Вилфан.
„Јас сум тука вторпат во Улцињ. Минатата година бев првпат, а оваа година повторно ме повикаа, што ми е големо задоволство. Пред еден месец ме прашаа некои луѓее во Љубљана: „Еј, дали повторно ќе биде ова во Улцињ?“. Јас им реков: „Ќе биде сигурно, но и ако не ме поканат јас ќе одам сам.“ Затоа што тука е феноменално и мислам дека секој кој бил овде, кој доаѓа тука, истото ќе го каже, бидејќи нешто како што е ова дружење не постои никаде на друго место“ – рече Вилфан.
Имате и Македонец во семејството, тоа е еден од најголемите македонски кошаркари во историјата. Колку зборувате за кошарка и каков зет е Владо Илиевски?
„Владо Илиевски е прекрасен зет. Морам да кажам, како прво, тој е феноменален човек. Тој е еден, јас би рекол, така доброчуден човек каков што ретко може да се сретне. Зборуваме за кошарка онолку колку тој сака, главно. Но, зборуваме, нормално дека зборуваме. Додека играше, јас секогаш чекав само ако тој ја поттикне таа тема, тогаш ќе зборуваме. Не форсирав јас ништо, ама нормално, нашето семејство е цело кошаркарско и мојата ќерка (Ања Вилфан, н.з) играше кошарка сè додека не отиде со Владо во Барселона. Така што да, следиме кошарка, живееме кошарка“.
Дали можебе побарал некој совет од вас, со оглед на тоа што сега е во македонската кошаркарска федерација?
„Совети е лесно да се даваат, ама треба нешто и да се сработи. Јас лично сум задоволен што се врати на некој начин во Македонија. Тој живее во Словенија веќе долго и мислам дека ќе остане да живее во Словенија, но јас секогаш му зборував: ‘Внимавај, Македонија е твојата држава. Од таму си дошол, од Македонија, чувај го тој контакт. Ако постои можност да се вратиш во било каков облик нешто да правиш за твојата држава, да прифатиш и да го направиш тоа“ – истакна легендата на екс-југословенската и словенечката кошарка.
===============================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
