Брегалница спогодбено се раздели од тренерот Секуловски

Марјан Секуловски нема да ја води Брегалница во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона откако искусниот стручњак спогодбено се раздели од штипскиот прволигаш.

Брегалница под водство на Секуловски е четвртопласирана на прволигашката табела, со што е најпријатно изненадување во досегашниот дел од сезоната. Сепак, поради лични причини беше донесена одлука за спогодбена разделба.

„ФК Брегалница пред стартот на зимските подготовки за пролетниот дел од шампионатот постигна договор за спогодбена разделба со досегашниот шеф на стручниот штаб, Марјан Секуловски. Разделбата е на барање на Секуловски, поради лични причини, и покрај искрената желба од двете страни за продолжување на досегашната повеќе од успешна соработка. Комплетниот колектив на ФК Брегалница, почнувајќи од сопственикот, раководството па се до фудбалерите, искрено благодари на Секуловски за се што направи за клубот во изминатиов период.

Под водство на Марјан Секуловски, Брегалница несомнено беше подигната на ниво повисоко во фудбалскиот развој издвојувајќи се во елитата на домашната фудбалска сцена. Со Секуловски на чело на екипата, како исклучително докажан фудбалски стратег, беше изборен пласман во Првата македонска фудбалска лига, а изминатава полусезона со освојувањето на четвртото место по есенскиот дел од ПМФЛ беше запишан најдобриот резултат во историјата на клубот.

ФК Брегалница му посакува многу успех на Марјан Секуловски во иднина, низ желбата за повторно активирање во професионалната кариера“, објави Брегалница на клупската веб-страница.

Се вчитува...