Најдобриот македонски фудбалер Елиф Елмас и официјално вечерва промовиран во дресот на италијанската Аталанта.
Спортскиот директор Кристијано Џунтоли го претстави македонскиот фудбалер од средниот ред.
„Останува уште една недела до затворањето на трансфер прозорецот и ова се најактивните наши денови. Нема да негирам дека има значителен интерес за некои од нашите играчи, но не сме добиле никакви понуди. Доколку некоја дојде, ќе ги процениме од случај до случај. Во моментов, нашиот фокус е на тимот и на помагањето на групата да се развие. Ставаме голем акцент на напорната работа, иако клубот очигледно е секогаш буден за тоа што може да се случи на трансфер пазарот, а договорот што го донесе Елмас во Бергамо е доказ за тоа“ – рече Џунтоли, притоа претставувајќи го Елиф Елмас:
„Елмас беше можност што сакавме веднаш да ја искористиме бидејќи тој е во цутот на својата кариера и веќе има значително искуство, со речиси 200 настапи во Серија А и речиси 60 во Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Тој е играч кој може да ни даде многу. Тој го познава стилот на игра на Сари многу добро и покрај тоа што никогаш не работел под негова команда, и се чувствува удобно во неколку делови од теренот, без разлика дали е во линијата на тројка за среден ред, потенцијално во линијата на два играчи за среден ред или на надворешните позиции“.

Секако, задоволен од овој трансфер на прес-конференцијата пред италијанските медиуми беше и македонскот репрезентативец.
„Прво би сакал да им се заблагодарам на Лука Перкаси и на спортскиот директор за довербата што ми ја покажаа. Не морав двапати да размислувам кога се појави оваа можност бидејќи Аталанта е врвен клуб и го докажа тоа низ годините, вклучително и со освојувањето на Лигата на Европа. Се надевам дека ќе се снајдам добро и ќе ја оправдам довербата на клубот во мене. Играв на многу различни позиции во текот на мојата кариера, па можам да и тука да се адаптирам каде што е потребно. Важно е секогаш да бидам подготвен и да дадам сè за тимот“ – рече Елмас, дополнувајќи:
„Знам дека навивачите тука во Бергамо се неверојатно страствени. Веќе го сфатив тоа кога се соочив со Аталанта во минатото, а добив дополнителна потврда за тоа на натпреварот пред два дена: навивачите пеат и го поддржуваат тимот од првата до последната минута и тие се дополнително оружје за нас“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
