На Струга ТЛ и беше поништен гол во првиот дел, па се налути во вториот дел и даде шест гола

Фудбалерите на Струга ТЛ славеа со убедливи 6:0 над Арсими во денешниот натпревар кој се играше во рамки на осмото коло во Првата Македонска фудбалска лига.

Натпреварот го одбележа Марјан Радевски кој постигна хет-трик.

Со триумфот, стружани се втори на табелата со 17 бодови, два помалку од лидерот Шкендија, а три повеќе од шампионот Вардар кој е третопласиран.

Струга ТЛ до победата дојде со голови постигнати во второто полувреме. Во првиот дел, беше постигнат гол, но по прегледување на ВАР-снимката, истиот беше поништен поради офсајд.

Резултатот го отвори Марјан Радевски во 57-та минута, а десет минути подоцна зголеми на 2:0 со што беа разрешени сите дилеми околу победникот бидејќи Арсими во 62-та минута остана со играч помалку по исклучувањето на Мислими кој доби втор жолт картон.

Алији во 69-та минута погоди за 3:0, а својот трет гол Радевски го постигна во 75-та минута.  До крајот на натпреварот, стружани постигнаа уште два гола за убедлив триумф.

Се вчитува...