Четири скокалници: Фијаско на Кобајаши, триумф на Линдвик

Мариус Линдвик продолжува да импресионира на турнејата „Четири скокалници“ откако по триумфот во Гармиш Партенкирхен, младиот Норвежанец славеше и на денешното натпреварување во Инсбурк.

Линдвик во пресрет на оваа 2020 година немаше ниту една единствена победа во сениорска конкуренција, но со одличните настапи во овие четири дена се наметнува како нова ѕвезда на овој спорт. Тој имаше импресивен скок од 133 метри по првата серија, по што во вториот обид скокна 120 метри, сосема доволно за повторно да се искачи на највисокото место на пиедесталот.

Најголемо разочарување денеска беше шампионот Роју Кобајаши, кој по двата очајни скока го освои само 14. место. Втората позиција денеска му припадна на Давид Кубацки од Полска, додека третопласиран беше Даниел Андре Танде.

Во пресрет на последната од четирите скокалници, натпреварување што ќе се одржи во Бишефсхофен, лидер во генералниот пласман е Кубацки со 830,7 бода, пред Линдвик со 821,6, Гајгер со 817,4 и Кобајаши со 817 бода.

Се вчитува...