Да… Ереван е добар за отрезнување…, ама лош ако со шанса за ЕП си се „коцкаме“!

Македонската репрезентација со разочарувачки пораз од 4-0 од гостувањето против Ерменија се врати од Ереван… Епилог кој апсолутно никој во македонскиот фудбал не го очекуваше, посебно по оние три претходни победи и онаа низа од десет едноподруго меча без пораз.

За Македонија во Ереван заврши низата од десет меча по ред без пораз (шест победи и четири ремија), почната од јуни 2017 година. Заврши и тоа на најболен можен начин, со вистински дебакл, без разлика колку и како и судењето влијаеше на конечниот епилог на натпреварот. Иако, факт е дека судија не може да биде виновен за четири примени гола!

Интересно е дека овој македонски состав прими вкупно четири погодоци на претходните 10 натпревари, со гол разлика од 18-4. А, сега дозволивме исто толку во сопствената мрежа само за 90 минути!?

Факт е дека очаен ден зад себе остава голманот Столе Димитриевски на чија „душа“ одат сите четири погодоци. Но, факт е и дека во целина потфрли тимот. Поединецот во колективниот спорт тешко дека може така лесно да се издвои како „клуч-виновник“ за неуспехот. Во Ереван комплетно потфрли и средниот ред, загубен во поголемиот дел од мечот пред агресивните Ерменци кои очигледно очајно ја посакуваа победата. За разлика од нас! Во Ереван затаи и реализацијата…, за разлика од претходните натпревари кога умеевме да погодиме и од поскромен број креирани шанси. Во Ереван ги немаше желбата, мотивот и опсесијата по триумфот!

И добро е што се случи сето ова сега во Ереван, и тоа по оној кикс на Ерменија против Гибралтарците на кои може само да им благодариме! (Кога не умееме нешто да решиме самите!) Добро е…, поради тоа што има се уште време да го заборавиме ова, да го оставиме зад нас и вистински да се освестиме. Само, лошо е кога вака и на ваков начин си поигруваме со националниот дрес, а си се „коцкаме“ со историската можност на Европско првенство да бидеме!

Се вчитува...