ДАРКО ПАНЧЕВ – МУНДИЈАЛСКИ КОМЕНТАТОР НА ЕКИПА.МК: „Зошто би ни било модерното во фудбалот ако се губи убавината на најважната споредна работа во светот!?“

Најголемата македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев, за читателите на ЕКИПА.МК, ги коментира комплетните настани на најголемиот светски спортски собир – фудбалскиот Мундијал 2026!

На некој начин беше изненадување елиминацијата на Германија и Холандија, со тоа што „лалињата“ покажаа подобра форма од Германците, но ете во 1/16-финалето налетаа на еден навистина квалитетен противник, и мора да се признае дека и немаа малку среќа во таа пресметка. Мароко уште еднаш покаже дека е во моментов е најдобрата африканска репрезентација, и воопшто не би било изненадување и ако стигне до самата завршница.

Мора да го издвоите фактот дека и оној дел од фаворитите кои обезбедија место во осминафиналето не демонстрираа партии согласно очекувањата. Но, напротив, со сериозни проблеми во играта и нешто среќа продолжија понатаму, и Аргентина, и Англија, и Бразил… Па, овие три селекции не оставаат впечаток дека може да дојдат до светската шампионска титула. За разлика од Франција која доминира во досегашниот тек од првенството, и заедно со Шпанија и Мароко, мислам дека досега најмногу покажаа.

Фудбалот уште еднаш покажа дека денес е спорт на физичка сила, трка, тим и максимална тактика, а се помалку на креативци и извонредни поединци кои на прсти може да се издвојат на ова светско првенство. Затоа и можеби фудбалот не донесе многу убавина и атрактивни моменти кои би останале запаметени. Но, ете како што некои милуваат да кажат – тоа е модерниот фудбал. Иако, јас не знам зошто ни е модерното ако ја губиме убавината!!? И не само во фудбалот, но со се во животот!

Она што посебно би го издвоил од овој шампионатот е одличната атмосфера и полните стадиони на северноамериканскиот континент. Најпријатно изненадување се Зеленортските острови кои освоија срца на многумина во светот. Во секој случај квалитетно првенство, иако од пооделни национални тимови очекувавме и поубав за око фудбал, но промените кои се во фудбалот во последните 10-15 години едноставно се чувствуваат кога е квалитетот во прашање и на овој Мундијал. Во секој случај, според досега прикажаното очекувам Франција да го освои шампионатот.

Во четвртфинале ги гледам Мароко, Франција, Бразил, Аргентина, Шпанија, САД…

Што се однесува до осминафиналните натпревари, според мене на првиот натпревар Канада – Мароко, африканската репрезентација е голем фаворит и би било големо изненадување ако не се пласира во четвртфиналето. Сосемо еднакво е и со натпреварот Франција – Парагвај на кој очекувам Французите лесно да поминат до најдобрите осум на Мундијалот.

Иако, Бразил не брилјира на првенството, сепак Бразил е Бразил и носи блага предност во пресметката со Норвешка, иако скандинавците демонстрираа дека се цврста екипа, физички максимално подготвена и која знае да игра фудбал. Верувам, во секој случај, дека ќе биде неизвесен натпревар.

Мексико и Англија, според досега прикажаното, исто така ќе биде израмнет дуел со мала предност за Англичаните ако се знае дека нивните репрезентативци се од најсилната лига во светот. Но, Мексканците не може да се отпише, земја со силна фудбалска традиција која знае што сака.

ФОТО: x/ SEFutbol

Португалија – Шпанија. Соседско дерби со два противници кои се знаат извонредно меѓу себе. Објективно давам предност за Шпанците кои се фаворити и за пласман во финалето, па очекувам да ги минат Португалците иако низ 90 минути ништо не може однапред да се предвиди. Ова е можеби и дерби од осминафиналните пресметки.

Белгијците се мачат на ова првенство, беа на работ на испаѓање и во 1/16-финалето, но успеаја да се извлечат. Па, може да кажам дека фудбалски САД има огромен напредок во однос на минати години, и како домаќин носи улога на благ фаворит.

Аргентина е апсолутен фаворит во пресметката со Египет. Имаше поголем број во обидот да дојде до осминафиналето, но верувам дека на патот до четвртфиналето ќе се пласираат полесно отколку во пресметката со Зеленортските острови. Затоа што и Египет не покажа некоја добра форма, колективен квалитет кој им е потребен ако сакаат да ја минат Аргентина на Лионел Меси.

Дуелот меѓу Швајцарија и Колумбија е дуел на две израмнети екипи. Швајцарците имаат искуство за вакви натпревари, Колумбијците пак го носат оној латиноамерикански стил и верувам дека ќе биде уште еден неизвесен дуел.

Се вчитува...