„Со ваква одбрана сигурно ќе испаднат од Премиерлигата!“

Легендата на Манчестер Јунајтед, Гери Невил, остро ја критикуваше одбранбената линија на поранешниот клуб по драматичното реми против Астон Вила (4-4).

Поранешниот капитен на „Црвените ѓаволи“ смета дека недостатокот на соодветни засилувања во одбраната го довел тимот во исклучително тешка ситуација, поради што дури би можеле да се борат за опстанок во Премиерлигата.

Пред ноемвриската репрезентативна пауза, Манчестер Јунајтед е на 18-то место на табелата во Премиерлигата, а дуелот со Астон Вила повторно ги разоткри проблемите во последната линија на тимот.

Домашниот тим веќе заостануваше со два гола по пет минути игра, бидејќи Алисон и Николас Џексон ја погодија мрежата. Играчите на Мајкл Карик успеаја да се вратат во натпреварот пред полувремето. Бруно Фернандеш беше прецизен од пенал, додека поранешниот играч на Астон Вила, Јури Тилеманс, израмни.

Сепак, гостите ја вратија контролата по паузата. Џош Мекгин постигна гол од пенал, а Леон Горецка дополнително го зголеми водството на Астон Вила.

Кога се чинеше дека Јунајтед го чека болен пораз, на крајот се случи уште еден пресврт. Резервите Џошуа Зиркзе и Патрик Доргу постигнаа голови во судиското продолжение и ги спасија домаќините од пораз – 4-4.

На крајот од натпреварот, Манчестер Јунајтед играше со импровизирана одбрана составена од Нусаир Мазрауи, Лени Жоро, Ајден Хејвен и Патрик Доргу.

Токму таа четворка беше во центарот на вниманието на Гери Невил, кој ја припиша одговорноста за проблемите на недоволното инвестирање во одбранбениот дел од тимот за време на преодниот рок.

„Причината зошто Манчестер Јунајтед прими четири гола е тоа што не инвестираше во одбраната за време на преодниот рок. На сите им беше јасно дека им требаат одбранбени играчи. Оние кои во моментов прават грешка по грешка. Играчите кои ја завршија играта во одбраната би ве однеле во понизок ранг. Само погледнете ги нивните грешки! Сите ние рековме за време на преодниот рок дека мора да доведат одбранбени играчи. Мораа порано да обезбедат пари и да го зајакнат тој дел од тимот“, рече Гари Невил.

Слично мислење има и неговиот брат Фил Невил, кој исто така издвои четирите фудбалери кои го завршија мечот во последната линија.

„Последните четворица кои ја завршија играта – Мазрауи, Жоро, Хевен и Доргу – тоа е состав со кој нема резултат. Со таква одбрана, менаџерот би бил отпуштен. Не мислам дека тие четворица можат да го одржат Манчестер Јунајтед во Премиерлигата. Едноставно не се доволно добри за ова ниво на натпреварување“, рече Фил Невил.

Се вчитува...