Де Бур им врати на навивачите: Благодарам за советот, но јас сум селектор и јас одлучувам…

Франк де Бур нема намера да отстапи од формацијата 5-3-2 на холандската репрезентација на ЕВРО 2020 и покрај големиот притисок врз селекторот на „лалињата“ во изминатиот период. Денешниот тренинг за момент беше прекинат откако над теренот пролета авион што носеше транспарент „Играјте со 4-3-3“, со што навивачите јасно ставија до знаење што мислат за тактичките замисли на селекторот.

Прес-конференцијата пред утрешниот меч со Украина беше идеална можност новинарите да го прашаат селекторот што мисли за транспарентот од навивачите.

„Благодарам за советот, но јас сум селектор и јас одлучувам. Остануваме со 5-3-2“, дециден беше Франк де Бур, потоа продолжувајќи: „5-3-2 звучи толку негативно. Исто така можете да кажете и дека играме 3-5-2, бидејќи кога сме со посед имаме само тројца дефанзивци во линија. Како и да е, јас останувам на ставот дека ова е најдобриот систем за холандската репрезентација“.

Проблем за Де Бур е повредата на Матијс де Лихт, кој ја загуби трката со времето и ќе го пропушти мечот со Украина, но се очекува асот на Јувентус да биде „фит“ за следните предизвици, дуелите со Австрија и со Македонија.

Се вчитува...