Канадскиот атлетичар Андре Де Грас, нема намера да стане најбрз спринтер помпензионирањето на Усеин Болт, туку сака да го победи најголемиот ривал на патеката. Де Грас истакнува дека е во добра форма и дека подготвен го чека големиот дуел со Болт на СП во Лондон.
„Ќе се обидам да победам оваа година.Чувствувам дека имам големи шанси за тоа и токму тоа сакам да го направам. Во топ форма сум и мислам дека можам“ – вели Де Грас во интервјуто за агенцијата АП.
Канаѓанецот имаше дуел со Болт на ОИ во Рио кога го освои сребрениот медал на 200 метри и „бронзите“ на 100 м. и во штафетата 4х100 метри, со што стана прв канадски спринтер што освоил три медали на едни олимписки игри.
Болт тогаш изјави дека Де Грас го намачил во трката на 200 метри и после трката бил премногу исцрпен што го спречило да го поправи светскиот рекорд наредниот ден. Нова пресметка двајцата ривали ќе имаат летово на СП во Лондон што воедно ќе биде и проштален настап за Болт. Де Грас се подготвува за новата пресметка со големиот шампион и посебно работи на својот старт.
„Ова мора да биде врвен настап и ако е можно да направам нешто посебно. Би било одлично да имам сигурен старт и да се обидам да држам водечка улога. Мојата брзина на крајот е добра“ – вели Де Грас.
Светското првенство во атлетика ќе се одржи од 4 до 13 август во Лондон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА